За секој Републиканец најголема вредност е слободата, затоа што Слободата ја раѓа идејата! Ние веруваме во лидерство, но не во креативен апсолутизам. Да бидеш граѓанин на Република значи да го имаш правото слободно да создаваш нови нешта, слободата да истражуваш, да го кажеш својот став и својата идеја, како и слободата да се спротивствауваш. Нема големи и нови идеи ако нема слободен дух. Само демократијата секогаш ја носи вистината, а ние до нашите решенија доаѓаме низ борба на мислења. Решенијата поминати низ многу глави, соочени со мноштво аргументи и цврсти факти се оние вистински успешни решенија.

Најголемото право на еден Републиканец е правото да поставува прашања. А тоа е клучно во пронаоѓањето на вистинското решение за клиентот. Ако еден проблем не се преврти наопаку за да испадне сè што има во џебовите, тој не може да се реши. И оттука нашиот пристап кон клиентите е секогаш јасен и недвосмислен: Ние не тврдиме дека ги имаме сите одговори, ние тврдиме дека ги имаме сите прашања! Начинот на кој работиме е оној да му помогнеме на клиентот да ги осознае своите силни страни кои треба да ги искомуницира, а потоа ние да му ја дадеме најефективната форм(ул)а. Затоа ние бараме луѓе кои ги имаат сите прашања, а не сите одговори. Да се биде љубопитен, постојано запрашан и со немирен дух, тоа е она што нè прави секогаш свежи и постојано поинакви.